Алкалоид моќен против Вест Виен, со една нога е во осминафиналето на ЕХФ Купот!

Ракометарите на Алкалоид се радуваа на победа во првиот меч против Вест Виена со 38-27 (20-14), во рамките на шеснаестинафиналето на Европскиот куп на ЕХФ. Македонскиот претставник двете средби ги игра на домашен паркет во „Автокоманда“, а уште во првата направи сериозен исчекор кон пласман во осминафиналето на ова натпреварување. 

Гостинската екипа отвори добро и го опомена Алкалоид со два гола на Мелешниг и Кофлер (0-2). Сепак, следеше одговор во видот на израмнување преку Бинго и Петковски. Поведе Вест Виена уште еднаш (2-3), а потоа македонскиот тим се наметна и презеде контрола врз играта.

Откако првпат поведе Алкалоид почна да гради предност, набргу стигна до 9-4 со голот на Митев, по што следеа два гола на гостинот. На тоа момците на Лазаров одговорија со погодоци на Велковски и три на Серафимов за дотогаш највисоки „плус шест“. Стекна Алкалоид и максимални седум разлика кои ги одржуваше и бранеше до полувремето, а на одмор се замина со 20-14. 

На стартот на продолжението Алкалоид заигра уште подобро, па со серија од 6-2 првпат достигна двоцифрени 26-16. Во следниот период скопскиот тим го бранеше овој резултат, не дозволуваше ривалот да пријде близу, а Лазаров го искористи темпото за да даде шанса на повеќето ракометари од тимот. Без потешкотии на крајот Алкалоид славеше со највисокото водство на мечот.

Александар Петковски со девет гола беше најдобар стрелец на мечот, а осум постигна Мартин Серафимов, исто колку што имаше и Клеменс Мелешниг кај гостите. Меѓу голманите Иван Галевски го заврши мечот со девет интервенции, а Благојче Трајковски собра шест.