Алкалоид им се врати на победите и ѝ одржа лекција на Струга

Ракометарите на Алкалоид се вратија во победничката колона на гостувањето кај Струга (29-44) во 12. коло од македонската Суперлига. Една недела по поразот од Вардар 1961, иако играа без неколку стандардни ракометари, шампионите во Првата лига минатата сезона вторпат оваа есен славеа против стружани.

  • Комплетниот натпревар меѓу Струга и Алкалоид: 

Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одлично прво полувреме во кое постигнаа 22 гола. Нивното темпо беше пребрзо за домашната екипа, која немаше одговор на гостинската игра. Ништо ново не донесе продолжението од мечот. Скопскиот тим рутински одржуваше позитива и не дозволуваше победата да биде доведена во прашање.

Алкалоид покажа зошто важи за најголемо изненадување во новата сезона. Екипата на Лазаров продолжи да го следи чекорот на Вардар, кој е неприкосновен на табелата во својата група. Во финишот предноста стана двоцифрена што беше потврда на новото одлично издание на гостинот.

Неколку гостински играчи одиграа на високо ниво. Меѓу нив најефикасни беа Мартин Серафимов со осум и Дарио Кофиловски и Александар Петковски со по седум погодоци. Кај домашната екипа се истакна Петар Бугариновиќ со седум гола. Оваа победа скоро сигурно го цементира тимот на Лазаров на второто место во групата А на Суперлигата.