• Мартин Танасковски
Екипата на Алкалоид продолжи со победите во Суперлигата и во рамки на второто коло славеше над Радовиш (33-23) во дуел во кој беше без половина од првиот тим.
- Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Радовиш:
Тренерот Кирил Лазаров на натпреварот против радовишани имаше доста отсуства, затоа што дел од протоколот не беа голманот Галевски, потоа дефанзивецот Маркоски, крилото Костески, браќата Марко и Дамјан Митев, бекот Велковски и Ивановски кој замина на позајмица во Дубочица. Иако повратникот даде голем отпор, во вториот дел фаворитот дојде до победата.
Повратникот во елитното друштво имаше старт од соништата со фаворитот во „Автокоманда“. Тимот на Долдуров доста го намачи Алкалоид на стартот, а виновник за тоа беше голманот Костадиновски кој блескаше меѓу стативите. Радовиш неочекувано имаше шест гола предност, највисок плус во дуелот против Алкалоид (6-12), а Костадиновски собра вкупно девет одбрани и беше енигма за Куп-освојувачот. До полувремето, Алкалоид намали на 11-14, а потоа работите за тимот на Кирил Лазаров си дојдоа на своето место.
Во вториот дел голманот Трајковски влезе во ритам, па со шест одбрани во воведните 15 минути донесе израмнување, кога беше 20-20. Со шест гола во низа, Алкалоид замина на 26-20 и тука веќе мечот беше готов за Радовиш. Во продолжението од мечот, „сините“ од Автокоманда ја задржаа посакуваната победа, а разликата константно растеше. Тренерот Лазаров им даде шанса на сите ракометари да настапат на овој меч и сите освен Петров се запишаа во листата на стрелците.
Најдобар стрелец кај Алкалоид на овој меч беше Александар Петковски со шест гола, пред Џонов, Серафимов, Стојковиќ, Бинго и Франциско кои имаа по четири гола. Кај Радовиш, капитенот Здравко Постолов погоди шест пати. Кај голманите, Благјоче Трајковски фати десет топки, исто колку што имаше и Кристијан Костадиновски.
Во следното коло Алкалоид го има првото суперлигашко гостување сезонава кај Бутел Скопје, додека Радовиш го чека домашен натпревар против Вардар 1961.