• Иван Димовски

Ракометарите на Алкалоид ја впишаа првата победа во Суперлигата, откако славеа на гостувањето кај Тиквеш (22-24). По ремито на стартот во дербито со Охрид, сега скопјани триумфираа како гостин во салата „Јасмин“.
- Комплетниот натпревар меѓу Тиквеш и Алкалоид:
Одлично отворија скопјани, со головите на Борзаш, Митев и Костески поведоа со 0-4. Успеа домаќинот да одговори со два, меѓутоа Алкалоид ја бранеше и зголеми предноста која достигна високи „плус шест“ (3-9). Имаше Тиквеш подобри минути и намали дел од негативата, ама најблизу пријде на четири гола дефицит, а на пауза се замина со 9-14.
Со голот на Серафимов Алкалоид ја повтори предноста од шест гола на стартот на продолжението. Сепак, тогаш три преку Коцев и Цејовиќ врза домаќинот (12-15). Иако скопјани пак поведоа (12-16), следуваше добра серија на Тиквеш 4-1 со која во целост се врати резултатски на 16-17. Бркаше домашниот тим негатива, ама константно беше тука некаде. Алкалоид во неколку наврати се одлепуваше на три разлика, меѓутоа бргу истата „се топеше“. На крајот избраниците на Кирил Лазаров успеаја да го одбранат водството и забележаа голем триумф.
Дамјан Митев имаше перфектни „шест од шест“, а пет гола даде Игор Ѓорѓиев. Во таборот на Тиквеш со по четири се истакнаа Манасков, Коцев и Цветковски. Еден од инспираторите на победата беше и Иван Галевски кој собра десет интервенции.


