Алкалоид го надигра Голден Арт и побегна на врвот на прволигашката табела

Натпреварот кој долго се очекуваше и најавуваше во Првата лига, второто соочување на Голден Арт и Алкалоид донесе модерен и брз ракомет и доминантна победа на номинално гостинот - тимот на Алкалоид. Избраниците на Савевски се осветија за ремито од првиот дел на шампионатот и славеа со 29-35 (13-21). Алкалоид останува единствена непоразена екипа во групата Б во Првата лига со шеснаесет победи и едно реми. 

Дуелот кој привлече голем интерес во СЦ „Јане Сандански“ започна со високо темпо и многу трчање од двете страни. Помладата екипа на Алкалоид наметна таков ритам и носена од одличниот 17-годишен голман Иван Галевски брзо поведе. Кадетскиот репрезентативен голман собра пет одбрани во раната фаза и тоа донесе самодоверба и многу лесни голови. Илиев парираше и до средината на првиот дел Голден Арт беше во егал со лидерот.

Сепак, во втората половина од првиот дел Голден Арт почесто грешеше, а крилата и Стојковиќ реализираа. Со феноменална серија и уште неколку одбранети зицери на Галевски (десет одбрани во првиот дел), момците на Љупчо Савевски на одмор заминаа со високи 13-21.

Ракометарите на Алкалоид не ја повторија грешката од првиот натпревар, кога лесно ја испуштија предноста и поврзаа многу „црни“ периоди во завршницата. Сепак, покажаа конзистентност и во вториот дел. Кофиловски и Стојковиќ погодуваа во серија на почетокот на вториот дел за високи 20-28 во 45. минута. Темпото опадна, Алкалоид ја задржа високата предност, а Галевски со уште неколкку одбрани ги одби последните обиди домаќините да се вратат во игра. Серафимов со серија на голови ја проби границата од триесет гола и лесно впиша победа од 29-35.

Најефикасни во домашниот табор на Голден Арт беа Илиев со осум и Гајиќ со девет гола, додека во таборот на Алкалоид се истакнаа Серафимов со седум и Кофиловски и Стојковиќ со по шест погодоци. Големи заслуги за победата на Алкалоид има Иван Галевски, кој доминираше на голот на Алкалоид и одбрани 14 топки. Прволигашкото дерби беспрекорно го водеа најдобрите македонски судии Николов и Начевски. Натпреварот беше одличен спот за македонскиот ракомет и потврда дека двата проекта се на прав пат во својот развој. Алкалоид останува лидер и единствен непоразен тим во Првата лига.