• Горан Упале
Победникот на Купот на Македонија во ракомет, Алкалоид Ракомет од Скопје, е на чекор до историски успех и прва титула на меѓународна сцена. Откако минатата сезона триумфираше во Суперкупот и Купот на Македонија, сега е на чекор до трофејот во третото по ранг натпреварување на ЕХФ, Европскиот Куп.
Но, за тоа да се оствари на момците на Кирил Лазаров им е потребна уште едно одлично издание против АЕК Атина во финалниот реванш. Во првиот натпревар одигран синоќа во Атина, нашиот тим славеше со сигурни 25-29 и во СЦ „Борис Трајковски“ ќе го пречека грчкиот претставник со предност од четири гола.
Попладнево клубот информираше дека веќе се пуштени во продажба билетите за овој натпревар и ќе чинат 200 и 300 денари.
„Билетите за финалето на ЕХФ Европскиот Куп меѓу екипите на РК Алкалоид и АЕК што ќе се игра на 25 мај во салата „Борис Трајковски“ се пуштени во продажба. Продажбата на билетите се реализира преку продажната мрежа на „МКТикетс“, а цената на билетите е 200 и 300 денари“, стои во објавата на клубот.
Натпреварот кој што ќе го даде освојувачот на Европскиот Куп се игра в недела, со почеток од 20:30 часот.