• Мартин Танасковски

Екипата на Алкалоид одигра доминантно во финалето и го победи Пролет 62 (42-20) за место на завршниот „фајнал-фор“ турнир во Купот на Македонија. Тимот од Автокоманда е бранител на тронот од лани.
Мечот со Пролет беше само рутина за тимот на Кирил Лазаров, иако се ротираше и шанса добија помладите ракометари. Во ниту еден наврат Пролет не беше закана на мечот, а разликата Алкалоид ја направи пред паузата.
Тимот од Автокоманда тргна да полни мрежа на ривалот кога од 11-10, успеа до паузата да се одлепи на 18-12 до паузата. На стартот на второто полувреме следеше ново моќно издание, за 29-14 и тука веќе беше јасно кој ќе слави.
Дамјан Митев беше најдобар стрелец кај Алкалоид со осум гола, со пет го следеше Максим Гарбески, додека Џонов, Младеновиќ, Ивановски, Бинго и Петковски погодија по четири пати. Кај Пролет се истакнаа Симовски, Шилегов и Стојановски, тројцата дадоа по четири гола.
Покрај Алкалоид, на завршнциата од Купот на Македонија ќе играат Вардар 1961, Еурофарм Пелистер и ГРК Охрид.