Алкалоид е сериозен тим, го декласира суперлигашот Радовиш во Купот

Новиот спортски проект во македонскиот ракомет, РК Алкалоид уште еднаш докажа дека е сериозен тим и во првата нокаут рунда на Купот на Македонија го исфрли суперлигашот Радовиш со 39-27 (17-15). Оваа сезона Алкалоид е без пораз, има само едно реми од дербито со Голден Арт, а ќе настапи и во осминафиналето на Купот. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Алкалоид и Радовиш:

Натпреварот против Радовиш беше изедначен на стартот, се играше гол за гол и ниту еден тим не успеа да се одлепи. Алкалоид пред крајот на првиот дел најубедливо водеше со пет погодоци предност, но на пауза гостите заминаа со -2. Во продолжението предноста пак порасна, скопскиот тим лесно се одлепи и убедливо поведе. 

Радовиш се одржуваше во пристоен дефицит се до последната четвртина од натпреварот, кога Алкалоид со одлична игра дојде до двоцифрено водство. На крајот скопјани славеа со највисоките +12, за на убедлив начин да дебитираат во Купот на Македонија. 

Свој ден имаше Александар Стојков кој ја „наполни мрежата“ на гостите со 13 гола, а со седум му помогна Мартин Серафимов, додека шест даде Димовски. Во таборот на Радовиш се истакна Ангелче Органџиев со седум гола. 

Претходно во пладневниот термин РК Аеродром успеа да го победи Младост 1977 со 29-24 (14-14). Дуелот на прволигашите беше изедначен до пред финишот, а тогаш домаќинот во салата „Автокоманда“ се одлепи и дојде до победата. 

  • Комплетниот натпревар меѓу РК Аеродром и Младост 1977:

Одличен настап на овој дуел имаше Андреј Петрески кој даде дванаесет гола, а му помогна Пејковски со седум, додека во редовите на Младост со шест се истакна Роглев.

Најнови вести од
Куп на Македонија, Македонија