• Горан Упале
Екипата на Алкалоид на најдобар можен начин ја заврши дебитантската сезона во македонската ракометна елита. Младиот тим предводен од Кирил Лазаров во последното коло извојува голема победа над Вардар 1961 и со тоа заврши на вицешампионското место за сезоната 2022/23.
Втората позиција носи директен пласман во групната фаза во Европската лига на ЕХФ, но не само тоа. Алкалоид во следната сезона ќе дебитира и во СЕХА лигата и заедно со шампионот Еурофарм Пелистер ќе бидат македонските претставници во регионалното натпреварување.
Така, Алкалоид ќе стане петтиот македонски тим кој некогаш настапил во СЕХА, по Еурофарм Пелистер, Вардар, Металург и Макс Струмица.
Двата интернационални предизвици сигурно ќе донесат нови сили во Алкалоид, а веќе е најавено првото засилување кое што доаѓа од Франција. Договорен е францускиот интернационалец, Арно Бинго, кој како слободен ракометар ќе дојде во Македонија, откако на крајот од овој месец ќе му истече договорот со Бенфика.