Алборг тесно го победи Мешков, Загреб и дваесетти меч без успех во ЛШ

Екипата на Мешков Брест продолжи да губи во новата сезона од Лигата на шампионите. Белорускиот првак како аутсајдер не успеа да изненади на гости кај Алборг (34-33) и остана со празни раце четврти меч по ред во Лигата на шампионите.

Данскиот тим долго време се мачеше да ја преземе контролата, а откако успеа тоа, во средината на второто полувреме, константно водеше со разлика од еден до три погодока. Алборг до втората победа во Лигата на шампионите оваа сезона го водеше Клар со осум гола, додека Бартхолд и Бјорсен имаа по седум, а кај Мешков Брест, Бонефонд даде осум гола.

Загреб ја продолжи агонијата во елитата и загуби од Кил (36-28). „Плинарите“ предводени од Ивица Обрван дваесет натпревари во низа не знаат за победа во елитата. Последната им беше против Алборг, во 2020 година.

Прв стрелец кај „зебрите“ беше Рајнкинд со осум гола, пред Дувњак со седум, а Сагосен запиша шест, додека кај хрватскиот тим Иван Чупиќ и Вистороп постигнаа по шест.