Алборг ги освои бодовите кај Целје за воведна победа во ЛШ

Ракометарите на Алборг со победа ја отворија сезоната во Лигата на шампионите, откако славеа на гостувањето кај Целје Пивоварна Лашко со 29-31. Данскиот претставник го контролираше натпреварот во најголемиот тек од него, а последните 15 минути беа одлучувачки за триумфот. 

Воведната минимална предност ја имаа Данците, кои на стартот поведоа со највисоките +3. Сепак, Целје се врати и успеа да израмни, а пред полувремето и поведе. На пауза домаќинот замина со минимална предност од 16-15, што ветуваше драма. Словенците парираа и на стартот од продолжението, ама Алборг полека почна да се одлепува и да гради предност. Највисоките +4 во последните пет минути беа решавачки за воведна победа и бодови на Алборг кај Целје. 

Магнус Јенсен го предводеше својот тим до победата со седум погодоци, а беше надополнет од Самуелсон со пет погодоци. Кај домаќинот шест реализации имаше Тадеј Клјун, додека еден помалку постигна хрватскиот интернационалец Шарац.