Алборг не ја повтори бајката на Вардар, Барса доминантно до нова титула во ЛШ 

Екипата на Барселона по пауза од пет сезона одново се искачи на кровот на европскиот ракомет! Шпанскиот првак фантастичната сезона ја круниса со најпрестижниот трофеј, откако во големото финале на фајнал-фор завршницата од Лигата на шампионите во Келн, со убедливи 36-23 (16-11) славеше над изненадувањето Алборг.

Со оваа победа каталонските ракометари на најдобар можен начин го испратија својот тренер Чави Пасквал, кој по 12 години го напушта тимот и во иднина ќе работи во Романија. На спротивната страна пак Алборг не успеаја да ја повтори незаборавната бајка на Вардар од пред три сезони, кога како тотален аутсајдер приреди сензација и по вторпат во историјата стана шампион на Европа.

Данскиот шампион мотивиран од херојскиот триумф во полуфиналето над големиот ПСЖ, квалитетно и ефикасно го започна денешното финале и со головите на Јенсен и Сандел во серија поведе со 2-5. На спротивната страна пак, каталонскиот гигант по неколкуте технички грешки во фазата на напад, кон 10. минута ги консолидира своите редови и со четири гола во низа за првпат поведе на ова финале (6-5).

Момците на тренерот во заминување Чави Пасквал не застанаа тука, затоа што како да почувствуваа дека противникот е во криза и продолжија да казнуваат, а со тоа водството на шпанскиот тим од минута во минута се зголемуваше. Циндиќ и Гомез беа непогрешливи во нападот, а во вистински момент се разбрани Гонзало, па на полувреме Барселона замина со комотна позитива од пет гола (16-11).

Квалитетот и моќта на каталонските ракометари дојде до израз и на почетокот на вториот дел. Алборг како да испушти здив и остана без решение за налетот на противникот, па Барса на 15 минути до крајот го реши прашањето на победникот, затоа што се искачи на максимални 10 гола позитива (28-18). Во завршницата, шпанскиот тим со нова офанзива се избори за убедлива победа од 36-23.

Шпанскиот репрезентативец Гомез со девет гола беше најпрецизен во редовите на Барселона, а солиден меч имаа и Н'гесан со шест и Циндриќ со пет гола. Кај Алборг, Сандел постигна осум, а четири гола имаше Кристенсен.