Алборг го „распарчи“ Еурофарм Пелистер во Данска

Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер доживеа убедлив пораз кај Алборг (38-23) во рамки на второто коло од Лигата на шампионите и останува на котата „нула“ во ракометната елита по два одиграни меча. По Колштад, уште еден тим од Скандинавија беше убедлив со битолчани, а овој пораз беше посебно висок. Пелистерци парираа петнаесетина минути, а потоа во целост се распаднаа и играта беше во знакот на данскиот ривал.

Избраниците на Александар Јовиќ во натпреварот тргнаа доста мудро. Еурофарм Пелистер играше мирно, без брзање и форсирање на шут, со долги напади, а тоа донесе и егал-игра со далеку поквалитетниот противник и голем фаворит на хартија. Битолчани имаа 2-4 на стартот, но Алборг влезе во серија и со три гола во низа поведе со 5-4. Ландин беше во добра форма, фати три топки, но и Лесјак одговори со иста мера.

Потоа, беше 6-6, па 8-8, а втората серија на Данците од 3-0 во мрежата на Пелистер, за предност од 11-8 беше кобна. По неа Јовиќ побара и тајм-аут, но тој не вроди со плод затоа што Алборг продолжи да ја полни мрежата на македонскиот шампион. Не помогна ниту играта „седум на шест“ - Алборг на полувремето имаше високи 18-10. Вториот дел за фаворитот беше формалност. Со типичен скандинавски ракомет, Алборг во 38. минута за првпат поведе двоцифрено, резултатот гласеше 24-14. И оттогаш па до крајот, водството на Алборг цело време се зголемуваше. Данскиот првак го распарчи македонскиот тим кој имаше лесно пробивлива одбрана со вкупно 38 постигнати гола, или 15 гола разлика.

Најдобар кај Алборг беше Алекс Влах со седум гола, пред Микел Хансен со пет постигнати гола, додека Лукас Нилсон имаше четири реализации. Кај пелистерци, Павле Петровиќ стрела седум пати, Домен Тајник даде четири, а Цветан Кузманоски три гола. Кизиќ и Лесјак заедно собраа десет интервенции, додека на спротивната страна Ландин фати осум топки и даде два гола при празна мрежа.

За Еурофарм Пелистер следен натпревар е на домашен терен против бундеслигашот Кил.