Алборг го изненади Кил, Киелце со неверојатна 6-0 серија ја „расплака“ Барса

Европскиот вицешампион Алборг им стави крај на поразите во Лигата на шампионите и во клучен момент впиша нови два бода на своето конто во А групата од ракометната елита. Пред својата публика, данскиот тим приреди изненадување против бундеслигашот Кил и со 35-33 му го нанесе вториот пораз на претпоследниот освојувач во ова натпреварување.

  • Алборг - Кил 35-33:

Дуелот во Данска во целост ги оправда очекувањата на ракометните фанови, затоа што двете екипи приредија одлична ракометна претстава, зачинета со пресврти, многу борба и поголема концентрација на Алборг во завршницата. По честите промени на водствата, во финишот од првиот дел домаќинот влезе во мини-серија и првпат се одлепи на три гола позитива, но Кил искусно возврати и на одмор замина со негатива од само еден гол (17-16). Во вториот дел Алборг завладеа на паркетот и ја имаше контролата и врз играта и врз резултатот, а тоа му донесе голема победа од 35-33.

Кристенсен со девет гола во германската мрежа беше прв стрелец на Данците на овој натпревар. Него го следеше Сандел со шест, додека во Кил по пет гола имаа Екберг и Зарабец.

Фантастичен натпревар одиграа и екипите на Киелце и Барселона, во дербито на колото во групата Б. Во Полска, каталонскиот гигант и актуелен бранител на титулата уште од самиот почеток го контролираше натпреварот и резултатот, но во самиот финиш влезе во неверојатна криза. Киелце фантастично го искористи тоа и со серија од 6-0, негатива од -4, претвори во огромна победа од 29-27.

Прва ѕвезда во победничкиот тим беше Алекс Душебаев со седум гола, додека кај Барсе прв стрелец беше Арино со пет погодоци.