• Мартин Танасковски

Дански Алборг е далеку од европскиот крем, тоа го докажа со пораз од Кил (26-30) во пресметката која требаше да биде дерби, ама беше игра на мачка и глушец во рамки на групата Б од Лигата на шампионите.
Скандинавскиот тим состави солиден колектив, најавуваше и атак на европскиот трон, меѓутоа со ваква игра прашање е дали Алборг ќе може да го мине осминафиналето. Кил водеше константно, а во еден момент имаше и шест гола предност (17-23). Сагосен со шест и Рајнкајнд со пет гола беа најдобри кај „зебрите“, додека кај Данците, Бјорнсен заврши со осум реализации.
Барселона останува непоразена на врвот во групата, со победа на гостински терен кај Нант (33-37). Киелце беше претходно на највисоката позиција, но само неколку часа. Фабрегас беше најдобар кај победникот со осум гола, пред Ване и Мем со по шест гола. Она кое загрижува е повредата на Лангаро од Барселона кој би можел да го пропушти СП 2023.
ППД Загреб врза трето коло по ред без пораз во Лигата на шампионите. Овој пат, „плинарите“ победија на гости кај Висла Плок (26-30), директниот конкурент за нокаут-фазата во елитното друштво. Овој триумф е џиновски, затоа што сега загрепчани побегнаа на „плус три“ на табелата во однос на Висла. Додиќ, Кларица и Муса погодија по четири пати за ППД Загреб, а кај Висла, Дашек даде седум, пред Михиќ со пет и Косоротов со четири гола.