Аларов: Повикот од селекторот годи, но сега целосно сум посветен на Пролет

Михаил Аларов е едно од најпријатните изненадувања на новата сезона во Суперлигата, откако одличните игри во дресот на Тинекс Пролет му донесоа и прв повик во македонската репрезентација. 

Младиот кружен напаѓач, сепак останува максимално скромен, ставајќи ги клупските интереси пред индивидуалните.

„Повикот од селекторот годи, но не менува ништо во мојот став. Целосно сум посветен на екипата, тимските резултати се она што ме интересира. Играме одлично сезонава, сè уште сме без пораз и тоа е она најважното за мене, ќе сторам се за да продолжиме во ист ритам“, вели Аларов.

Денес, Пролет е пред нов голем предизвик во домашниот шампионат, затоа што го чека градското дерби со тимот на Бутел.

„Станува збор за квалитетен противник што добро го познаваме и со кого секогаш играме квалитетни и неизвесни натпревари. Играме на домашен терен, што е наша предност, но свесни сме дека за победа ќе мораме да дадеме 100% од своите можности. Клучно ќе биде да одиграме цврста одбрана, од која ќе произлезат и лесни голови на спротивната страна. Нема да биде лесно, но подготвени сме да ја продолжиме успешната серија“, вели Аларов за клупскиот сајт на Пролет.

Мечот меѓу Пролет и Бутел кој се игра во салата „Македонско Сонце“ е закажан за вечерва од 19:00 часот, а истиот во живо ќе можете да го гледате на ОВОЈ линк.