Ал Саад лесно го „збриша“ Сиднеј и закажа полуфинале со Фуксе Берлин

Ракометарите на Ал Саад од Катар се последниот полуфиналист на ИХФ Суперглоб во ракомет, кој и оваа година се одржува во Доха. Домашната екипа имаше најлесен противник и убедливо го порази Сиднеј Универзити од Австралија со 34-18 (18-8).

Катарскиот шампион во многу лесен и комотен меч од 21. минута дојде до двоцифрено водство и полесно од предвиденото го реши прашањето на победникот. Во победничката екипа се истакна Ал Акрад со 6 гола, а дури 11 ракометари се запишаа во листата на стрелците. Кај Сиднеј Универзити најефикасни беа Дан со 7 и Кумплидо со 5 гола.

Противник во полуфиналето на Ал Саад ќе му биде Фуксе Берлин, а во првото полуфинале ќе се сретнат Киелце и ПСЖ.