„Ако новата сезона започне без публика, многу клубови ќе исчезнат...“

Давид Дејвис имаше можност да се израдува на големи успеси со екипата на Вардар. Како помошник на Раул Гонзалез ја прослави историската титулата во Лигата на шампионите, а тоа му донесе водечка тренерска улога во гигант како Веспрем.

Заедно со унгарскиот тим тој ќе биде дел од завршниот турнир на крајот од 2020 година, кој поради безбедносни причини беше одложен за декември. Коронавирусот ќе предизвика големи промени во спортот, а за тоа е свесен и Шпанецот, кој предвидува тешки времиња за ракометните клубови.

„Оваа криза ќе ги погоди сите екипи. Ако новата сезона започне без публика на трибините, ќе исчезнат многу клубови. Газдите ќе се повлекуваат, со оглед на намалувањето на приходите, а тоа ќе нанесе голема штета на играчите, кои ќе добиваат пониски плати“, вели 43-годишникот.

Дејвис ја помина играчката кариера на левата крилна позиција. Последен тим во ракометната авантура му беше Порто во 2013 година, а дванаесет месеци потоа започна да работи како асистент во Скопје.