• Мартин Танасковски
Машката ракометна репрезентација на Македонија ќе настапи во Групата Х на Светското првенство 2027, коja ќе се игра во германскиот град Магдебург.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров ќе се соочат со селекциите на Исланд, Бахреин и Јапонија во првата фаза од натпреварувањето. Станува збор за интересна и предизвикувачка група во која Македонија ќе се обиде да избори место во главната рунда.
Доколку македонските ракометари успеат да ја минат групната фаза, тогаш во следниот круг ќе вкрстат со екипите од Групата Г, каде што се наоѓаат Данска, Словенија, САД и Ангола. Тоа значи дека во главната фаза би можеле да гледаме атрактивни пресметки со актуелните светски велесили Данска и Словенија, но и со една од селекциите на САД и Ангола кои за нас се непознаница.
Светското првенство во Германија ќе донесе нова можност за Македонија да се наметне на големата сцена, а првата цел ќе биде успешен настап во Магдебург и обезбедување пласман во следната рунда.
