Акименто во луд финиш донесе пирова победа за Динамо, Кил патува во четвртфинале

Ракометарите на Кил вечерва го пречекаа тимот на Динамо Букурешт во реванш-дуелот од осминафиналето на Лигата на шампионите. Дуелот заврши со изненадувачка победа на гостите од Романија (31-32), но германскиот состав патува во следната фаза, благодарение на високата победа на првата средба од дури тринаесет гола разлика (28-41). 

Кил одигра онолку колку што беше потребно за пласман во четвртфиналето. Филип Јиха им даде поголема минутажа на ракометарите од клупата, па Романците го искористија тоа и во луд финиш извојуваа пирова победа од еден гол разлика.

Дека ќе биде неизвесно можеше да се запримети уште од самиот старт на средбата во Германија. Динамо играше ефикасно во напад и на пауза замина со предност од еден гол (16-17), а доста израмнето беше и во продолжението. Во самата завршница се влезе со предност на Кил од 31-30, но следуваше шок за домаќинот, откако по израмнувањето на 31-31, Акименто ја искористи грешката во напад на Кил и со гол од својата половина донесе победа за својот тим.

Во таборот на германскиот гигант се истакна Егберг со девет гола, додека за Динамо пет гола има поранешниот вардарец Кудуз. Во четвртфиналето Кил ќе се сретне со ѕвездениот тим на ПСЖ.