Агинагалде: Сонувавме ваква победа и заокружување на перфектниот викенд

Шпанија стана само втора ракометна репрезентација во историјата, по Шведска, која го одбрани европското злато. Победата над Хрватска ја продолжи победничката низа од Вараждин и Загреб, каде „фуријата“ загуби само од Словенија на Вујовиќ.

Кружниот напаѓач Јулен Агинагалде има големи заслуги за одбраната на титулата, посебно заради играта во одбрана. Тој беше пресреќен за титулата и победата над одличниот тим на Хрватска.

„Ја сонувавме победата над Хрватска и успеавме во остварувањето на целта. Многу го посакувавме овој златен медал и успеавме да дојдеме до него. Исто така се пласиравме на Олимписките игри, што е заокружување на перфектниот викенд“, рече Баскиецот.

„Црвената фурија“ на Жорди Рибера ќе го брани златото во Унгарија и Словачка по две години, каде ќе се обиде да стане единствена селекција со три последователни злата од Европските првенства.