Аеродром не реализира напад за реми и направи чекор назад во трката за плеј-оф

Екипата на Аеродром го забележа можеби клучниот пораз во битката за историски пласман во плеј-офот од Суперлигата. Во вечерашното соочување со Еурофарм Пелистер 2, новајлијата во елитата анулира негатива од шест гола, но сепак, на крај не успеа да се избори за поволен резултат против борбениот гостин (26-27).

  • Комплетниот натпревар меѓу Аеродром и Еурофарм Пелистер 2:

По израмнетиот старт, во кој двете екипи го имаа водството на своја страна, кон средината на полувремето младите пелистерци врзаа три погодоци и за првпат некоја екипа поведе со два гола разлика (8-10). До крајот на полувремето Аеродром успеа да намали на само еден гол негатива (12-13), но по паузата Еурофарм Пелистер 2 одново влезе во ритам и се искачи на убедливи плус шест позитива (13-19).

Се чинеше дека оваа предност ќе биде доволна за рутински триумф на битолчани, но така не мислеа домашните ракометари. Аеродром собра сили и возврати на ударот на гостинот и во последните две минути се влезе со егал резултат (26-26). Аеродром не реализира напад за ново водство, додека Трпчевски беше сигурен за пелистерци за 26-27. Домашниот тим имаше  шанса да се избори за бод, но не ја искористи и бодовите заминаа за Битола.

Наум Костов со дванаесет гола беше најдобриот поединец кај домашниот тим. За Еурофарм Пелистер 2 се истакна Мирче Калајџивоски осум гола, а два помалку имаше Белистојановски.

Со овој пораз Аеродром останува на петтата позиција на табелата во групата А, но сега заостанува пет бода од Струга, која го „чува“ последното место кое што води во плеј-офот. Еурофарм Пелистер, пак, со вечерашните три бода ги сочува минималните шанси за четврттото место.

Ракомет 
Суперлига 2023/24
Група А – Дванаесетто коло

Аеродром – Еурофарм Пелистер 2 26-27 (12-13)

Спортски центар „Јане Сандански“ - Скопје
Гледачи: 200
Судии: Спаско и Глигор Ќаеви

Аеродром:
Кизиќ 1, Богдановски, Пајкоски 4, Бучуковски 2, Меловски 1, И. Митревски 3, Костов 12, Павличковски, Олтовски 1, Стојановски, Трифуноски, Бошковски, Василев, Анакиевски, Анѓелковски 2, Груевски
Седмерци: 14/10
Исклучувања: 10 минути

Еурофарм Пелистер 2: 
Штаковски, Младенов, Печурица, Маркоски, Талевски 4, Ристевски 2, Х. Митревски 2, Димовски, Трпчевски 4, Димитровски, Калајџиовски 8, Ивановски, Белистојановски 6, Југовски, Мијушковиќ, Хаџиќ 1
Седмерци: 8/4
Исклучувања: 8 минути