АЕК падна кај Спортинг, Кадетен го шокира Ним во групата на Еурофарм Пелистер

Со денешните резултати се докажа дека групата на Еурофарм Пелистер во Европската лига на ЕХФ е дефинитивно многу изедначена и неизвесна. 

Ракометарите на Спортинг дома го победија АЕК од Атина со 31-30, со што го презедоа врвот во групата Д во пресрет на дуелот со битолчани за седум дена. Во крајно изедначен дуел со многу пресврти, Португалците беа подобри во завршницата и заслужено победија. Спортинг го предводеа одличните Шонгарт со осум и Таварес со седум погодоци, додека кај гостинот од Грција се истакна Милонас со шест. 

Кадетен Шафхаузен беше многу блиску, ама не успеа да го победи Ним кој во завршните секунди дојде до реми (25-25). Швајцарците одиграа неверојатен прв дел, водеа и со четири гола разлика, ама не издржаа до крај и одиграа второ реми. Францускиот тим го имаше најефикасниот играч на средбата, во името на Хенрик Јакобсен кој даде осум гола, додека кај Кадетен по пет постигнаа Зендер и Шелкер. 

На останатите терени реми одиграа Екс Прованс и Горење (26-26), Лемго дома го декласира Рихимаен Кокс (39-30), Нексе минимално славеше против Натухаус Ла Риоха (31-30), Фуксе Берлин се радуваше кај Татран (23-27) и Висла беше подобра од Тулуз во Франција (24-30).