АЕК „бронзен“, Струга загуби во мечот за петто место од Динамо Панчево

Ракометарите на АЕК Атина го освоија третото место на 51. издание на Меѓународниот турнир во Струга, откако го совладаа тимот на Ескилстуна Гуиф со 29-27 (14-13). 

Во крајно неизвесен и отворен натпревар, Грците успеаја да ја добијат драмата во завршницата. За волја на вистината, АЕК почесто водеше и диктираше темпо, а екипата од Шведска бркаше резултат. На полувреме фаворитот имаше минимално водство, па надигрувањето продолжи и по паузата. Во клучните моменти, Ескилстуна грешеше и тоа му дозволи на АЕК да триумфира и да освои „бронза“. 

Македонскиот претставник Струга го загуби натпреварот за петто место од Динамо Панчево со 31-26. Пресметката, која се одигра во салата „Нико Нестор“ поради високите температури, му припадна на српскиот тим, кој имаше контрола и заслужено слави. 

Иако стружани имаа свои моменти, во неколку наврати се враќаа до егал, немаа сили за изненадување. Во завршницата, Танески им даде шанса на младинците да го почувствуваат Струшкиот турнир, па резултатот падна во втор план. 

Во големото финале вечерва за титулата ќе се борат Алкалоид и Вардар 1961.