• Иван Димовски
Словенечката ракометна репрезентација славеше убедливо (20-28) на гостувањето кај Македонија во Битола во евро-квалификацискиот натпревар. До победата гостите стигнаа во завршницата од средбата, кога девојките на Кристијан Грчевски паднаа во сите полиња.
По натпреварот својот став го сподели селекторот на Словенија, искусниот Драган Аџиќ.
„Многу сум среќен што пак сум во Македонија. Ова е ракометна земја и секогаш е убава атмосферата, но и гостопримливоста на балканските гости како сега на Ракометната федерација на Словенија. Она што е сигурно е дека мојот помлад колега од другата страна има добра генерација која има потенција. Тоа се девојки од генерацијата 2002 до 2007, а може да биде учесник на големите натпреварувања во иднина. Словенија веројатно е поискусна и тоа пресуди. Ние игравме без клучните играчи, па ме радува гостинската победа без нив.
Има уште доста да се игра. Ние имаме лош скор со Германците, па ќе се обидеме да бидеме комплетни во март и да се спротивставиме. Верувам дека во април дома можеме пак да ги победиме Македонија и Белгија, па преку второто место да се избориме за Европското првенство. Знаете, преку ова натпреварување ќе се бараат олимписките визи, а бидејќи Словенија беше дел од првите Олимписки игри, сакаме да се најдеме и на следните во Лос Анџелес“, ни изјави Аџиќ.
Квалификациите за Европското првенство продолжуваат во март, а тогаш на Македонија ѝ следат клучните натпревари во борбата за третото место со Белгија.



