Абутовиќ за Gol.mk: Животот пишува романи, можеби еден ден пак ќе се вратам во Скопје!

Вардар ја одбрани титулата во СЕХА лигата, по триумфот над ППД Загреб со 26-24. Како и секогаш последниот бедем пред голот на Арпад Штербик беше Илија Абутовиќ, кој вели дека овој натпревар бил тежок за играње и дека противникот не бил наивен.

„Финалето беше тешко, Загреб одигра многу цврсто. Според ова, беше вистинско финале со две добри одбрани. Имавме неколку промашени зицери во првиот дел, но овој меч беше одлична подготовка за она што нѐ чека со Кил. Сигурни сме во себе, слушаме сѐ што ќе ни каже тренерот и имаме голема самодоверба. Но, треба да одиме нагоре“, рече за Gol.mk Абутовиќ.

Српскиот интернационалец вели дека еден ден повторно би можел да се врати во Скопје за да ја зголеми колекцијата на титули.

„Ова ми е седма сезона во Скопје, но догодина ќе одам во Рајн Некар Левен. Ќе ми фалат и клубот и навивачите и градот. Животот пишува романи. Јас се водам по онаа стара изрека – никогаш не вели никогаш, па можеби еден ден ќе се вратам во Скопје да ја зголемам колекцијата на титули“, заврши Абутовиќ.

Српскиот интернационалец е рекодер во СЕХА по број на титули заедно со Карачиќ, Милиќ и Стоилов, а на освоените во Загреб, Нови Сад и Брест им ја додаде и последната од Скопје.