Абутовиќ се обврза на нов договор со „лавовите“ до 2023 година

Поранешниот ракометар на Вардар, а сега соиграч на македонскиот репрезентативец Филип Талески, Илија Абутовиќ се обврза уште четири години да го носи дресот на Рајн Некар Левен. Поранешниот шампион на Германија, задоволен од настапите на српскиот дефанзивец, се одлучи да му понуди нов договор на Абутовиќ со важност до 2023 година. 

Илија Абутовиќ минатата сезона се пресели во Германија на истек на договорот со Вардар и веднаш се наметна како еден од лидерите во игра во одбрана. 

„Задоволни сме од Илија и го планираме во тимот на подолг период. Тој немаше никаков проблем со адаптацијата, други клубови се распрашуваа за него, па затоа одлучивме веднаш да ја продолжиме соработката на подолг период“, велат од управата на клубот. 

Од следната сезона Рајн Некар Левен ќе добие нов тренер и на местото на Николај Јакобсен, ќе седне селекторот на шведската селекција, Кристјан Андресон.