• Горан Упале
Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа нов пораз во новата сезона во Лигата на шампионите, откако пред својата публика со убедливи 22-30 загубија од германскиот вицешампион Фуксе Берлин.
Македонскиот претставник беше рамноправен противник само во воведните минути од натпреварот, по гостинот влезе во посакуваниот ритам и ја запиша првата победа во групата.
„Првите дваесет минути одлично се боревме, но во таборот на Фуксе има извонредни ракометари како Гидсел, а одличен беше и нивниот голман. Јас сум среќен што одигравме добро и сакам да им се заблагодарам на навивачите за поддршката која што ни ја дадоа денес.
Ќе продолжиме со борбата и работата ако сакаме победи оваа сезона. Натпреварите со ПСЖ и Фуксе се одлично искуство за нас, особено за младите како Павле, Емилијан и Самоил кој морам да потенцирам дека вечерва одигра одлично, постигна неколку гола и тоа е големо искуство за него“, рече новиот дефанзивец на пелистерци.
Следен натпревар на „зелено-белите“ е гостување кај романскиот шампион Динамо Букурешт.