• Мартин Танасковски

Поранешниот ракометар на Вардар и еден од најдобрите дефанзивци во Европа во својата генерација, Илија Абутовиќ, за новата сезона се врати во Партизан и стана првото засилување на белградскиот клуб. По 16 години минати во странство, искусниот српски ракометар повторно ќе го носи црно-белиот дрес. Во интервју за „Моцарт Спорт“ по враќањето во Партизан, Абутовиќ посебно се осврна на периодот минат во Македонија.
„Морам да кажам дека во Македонија се чувствував навистина прекрасно. Поминав девет години таму и никогаш не се доживував како странец. Сепак, среќен сум што повторно ќе играм Лига на шампиони со српски клуб и што Белград по долго време повторно ќе биде дел од елитното европско натпреварување“, изјави Абутовиќ.
Тој истакна дека би бил задоволен доколку настапите на Партизан во Лигата на шампионите придонесат за поголема популаризација на ракометот кај младите.
„Ако по оваа сезона привлечеме сто нови деца да почнат да тренираат ракомет, тоа ќе биде огромен успех. Треба да го промовираме спортот и да покажеме дека ракометот е убав, борбен и динамичен спорт“, додаде искусниот дефанзивец.
Во Партизан повторно ќе соработува со Раул Гонзалез, тренерот со кого испиша историја во Вардар и ја освои европската круна во 2017 година.
„Мојата главна улога е да бидам играч и затоа дојдов во Партизан. Раул го познавам многу добро, иако поминаа години од нашата последна соработка. И двајцата сме поинакви денес, но започнуваме нова приказна. Горд сум на сè што постигнавме заедно во Вардар, но ова е нов проект. Ми претставува задоволство што повторно ќе работиме заедно и верувам дека нè очекува уште една успешна приказна“, порача Абутовиќ.
Илија Абутовиќ изгради богата кариера во тимовите на Слован, Вардар, Рајн Некар Левен, Шартр и Еурофарм Пелистер, а најголемиот успех го оствари во 2017 година кога со Вардар ја освои титулата во Лигата на шампионите.







