• Зоран Мишевски
Француските ракометари го завршија својот тренинг, а нашите едвај чекаа да „влезат“ во терминот кој длабоко го прекршија европските прваци. На двете репрезентации главоболка број еден им е Норвешка. Најнапред Македонија утре, а потоа Франција в среда ќе играат против најпријатното изненадување на првенството.
„Триколорите“ побараа помош од Македонија, бидејќи ако ние им откинеме бод или два на Норвежаните, тогаш Франција со обична победа над Норвешка во последното коло ќе се избори за полуфинале. Во спротивно Французите ќе мора да победуваат со 4-5 гола разлика.
Во францускиот табор нашиот капитен Кире Лазаров има многу бивши клупски другари. Со Абало и помошникот тренер Динар играше во Сиудад Реал, со Никола Карабатиќ до лани во Барселона, а со Сорондо ја дели соблекувалната и оваа сезона во каталонскиот гигант. Сите разговараа меѓу себе, а „галските петли“, посебно Абало, како да побараа од Кире да им помогне, победувајќи ја Норвешка утревечер. Ќе ни помогне нам, а индиректно и на Французите.