• Горан Упале
Јарон Сиверт ќе биде нов тренер на Мелсунген и ќе го наследи Роберто Гарсија Парондо на клупата на бундеслигашот. Освојувачот на Бундеслигата со Фуксе Берлин ќе ја извршува функцијата шеф на стручниот штаб од сезоната 2027/28, а со клубот од северен Хесен потпиша договор до летото 2030 година.
Раководството на Мелсунген реагираше на одлуката на актуелниот тренер Роберто Гарсија Парондо, кој уште во февруари го извести клубот дека по истекот на договорот сака да направи „следен чекор во кариерата“ и да премине во ПСЖ. Некогашниот тренер на Вардар има активен договор со бундеслигашот до јуни 2027 година.
Под водство на шпанскиот стратег, Мелсунген во штотуку завршената сезона го оствари најголемиот успех во историјата на клубот, освојувајќи ја Европската лига – првиот трофеј во историјата на клубот.
Сиверт, пак, повторно е целосно подготвен за враќање на клупата. Минатата есен, 32-годишниот стручњак по вторпат доживеа мозочен удар, но истакнува дека сега се чувствува добро.
„Добро сум и едвај чекам конечно да се вратам на работа.“
Сиверт веќе од следната сезона ќе започне со работа во Мелсунген, најпрво во советодавна улога во областите на скаутинг, планирање на тимот за сезоната 2027/28, концептот за работа со млади и клупските соработки.
