28 победи на 28 меча: Вардар доминантно до шеста титула во Женската лига

Ракометарките на ЖРК Вардар го совладаа тимот на Металург со 49-24 во последниот натпревар од Женската лига. По финалето во Лигата на шампионите, за вардарки останаа уште три обврски во Македонија, една лигашка средба и две во Купот на Македонија.

Со составот кој настапува во домашниот шампионат, со три странски ракометарки кои речиси и да не влегоа на терен, вардарки ја одработија задачата од последното коло. Беше неизвесно, ако така може да се каже до 5-4 во првиот дел, пред европските вицешампионки со серија од пет голови да стигнат до 10-4.

До крајот на полувремето предноста стигна до +10, 23-13. Во вториот дел разликата само се зголемуваше до конечни + 25, 49-24. Најдобри стрелци во домашниот тим беа Керамичиева со 12 голови, а Саздовска и Ристовска дадоа по 11, додека кај Металург се истакна Божиновска со шест погодоци.