Време е за шоу и најголемиот спортски настан во САД – 53. Супербоул!

Финалниот натпревар во НФЛ-лигата меѓу Њу Ингланд Патриотс и Лос Анџелес Ремс се очекува да биде вистински спектакл, затоа што последниот меч во ова натпреварување се смета за најголемиот спортски настан во САД и се чека со нетрпение.

53. Супербоул ќе се игра на новиот стадион „Мерцедес Бенз“ во Атланта и се очекува да урне многу рекорди, како на финансиски план, така и по бројот на гледаност. Правата ги има американската телевизија „CBS“, на стадионот ќе има повеќе од 70.000 гледачи, додека на екраните се очекува да има гледаност од над 100 милиони Американци.

Приходите од овој голем настан се вртоглави. Се очекува Американците за време на овој викенд да потрошат околу шест милијарди долари. Снабдувачите на храна очекуваат фантастична продажба, па за спектаклот наречен Супербоул се спремни околу 1,4 милијарди пилешки крилца, како и една милијарда литри пиво.

На 53. Супербоул, од тимовите, рекорд ќе постави Њу Ингланд Патриотс затоа што по единаесетти пат ќе игра финале, а седум лични рекорди ќе урне легендата во овој спорт Том Брејди. 

Како играч во НФЛ-лигата, ова ќе му биде деветти Супербоул, како и деветти пат ќе се појави во стартната постава. Истовремено, Брејди ќе стане и најстариот квортербек и стартен играч со 41 година и 183 дена.

Рекорд ќе има и за главниот тренер на Њу Ингланд Патриотс, Бил Беличик, кој деветти пат ќе биде на Супербоул како тренер на тимот, или вкупно 12 пат во кариерата. Од таборот на „ремси“, пак, Шон Меквеј ќе стане најмладиот главен тренер во финале, со 33 години и десет дена.

Стартот на големиот меч е закажан од 00:30 часот. Пред средбата, химната на САД ќе ја пее „кралицата на соулот“ Гледис Најт, а дел од спектаклот ќе бидат и групата Марун 5, како и раперите Тревис Скот и Биг Бој.