Трагична и бизарна смрт на поранешен шкотски рагбист

Поранешниот шкотски рагбист Грег Оливер трагично го загуби животот откако доживеа голема несреќа додека летал со параглајдер. 57-годишниот Оливер летал во тандем над градот Кејп Таун во Јужна Африка, а несреќата била навистина бизарна. 

Имено, пензионираниот рагбист заедно со својот партнер се судриле со уште еден параглајдер кој летал во непосредна близина, а потоа не успеал да го отвори навреме својот падобран, по што паднал во карпест предел и за жал им подлегнал на повредите. Неговиот партнер успеал да се спаси и безбедно слетал на земјата, а со потешки повреди минал и другиот параглајдерист кој се судрил со нив. 

Спасувачките екипи се обиделе веднаш да го реанимираат и да го вратат во живот, но нивните обиди биле без успех. Грег Оливер се наоѓал во Јужна Африка каде бил со неговиот син кој игра за рагби У20 репрезентацијата на Ирска, а тој воедно бил и помошник-тренер во истата селекција. 

Локалните параглајдеристи тврдат дека ваквите несреќи се исклучително ретки, особено затоа што условите за летање биле идеални. Тие ја окарактеризираа оваа несреќа како „тотално бизарна и неверојатно тажна“. Јужноафриканската параглајдинг федерација најави детална истрага и дополнително ќе биде утврдено што навистина се случило. 

„Ветерот бил умерен и благ, денот беше многу ведар и сончев и овој лет требаше да биде чиста рутина. Навистина тажни вести за сите, особено за семејството на починатиот Оливер“, стои во краткото соопштение од федерацијата. 

Грег Оливер беше еден од најпознатите рагби-тренери, а неговите пријатели изјавуваат дека тој бил прекрасен човек и врвен професионалец. Во својата активна кариера забележа три настапи на репрезентацијата на Шкотска, а по пензионирањето комплетно се посветил на тренерската работа.