Том Брејди се враќа на спортот – може да игра и на ЛОИ 2028!

Во САД владее вистинска еуфорија откако легендата на американскиот фудбал, Том Брејди, објави дека се враќа од пензија и планира да заигра повторно, но овојпат во нова дисциплина. Наместо во НФЛ, каде што ја изгради својата импресивна кариера со седум освоени Супербоул титули, Брејди ќе се натпреварува во флег фудбал, спорт кој за првпат ќе биде дел од Летните Олимписки Игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година.

Официјално, враќањето на Брејди е најавено за 2026 година, кога ќе учествува на „Fanatics Flag Football Classic“ во Саудиска Арабија, глобален настан кој ќе собере бројни Супербоул шампиони. Настанот претставува вовед во новата олимписка дисциплина и очекува да привлече огромно внимание кај љубителите на спортот.

Флаг фудбалот е варијанта на американскиот фудбал која се игра во формат пет на пет, на терен долг 50 јарди (околу 46 метри), со две полувремиња по 20 минути. За разлика од класичниот американски фудбал, наместо физички контакти со соборувања, играчите се запираат со кинење на „флагот“ (лента) која секој играч ја носи прикачена на појасот.

Овој потег воедно ја отвора и можноста Брејди да биде дел од олимписката селекција на САД на ЛОИ во Лос Анџелес 2028. Брејди ја заврши својата богата НФЛ кариера во дресот на Тампа Беј Бакањерс во 2023 година и сè уште важи за еден од најголемите и најпопуларни спортски идоли во САД.