Том Брејди имал едно барање кога потпишувал со Тампа Беј

Том Брејди, 42-годишниот квортербек кој важи за еден од најдобрите во историјата на НФЛ-лигата, направи изненадувачка промена и премина во Тампа Беј.

Американецот потпиша двегодишен договор со новата екипа, а „ЕСПН“ открива дека тој имал само едно барање кога го потпишувал договорот.

Многумина шпекулираа дека го барал бројот 12, или да има контрола на нападот, но Брејди бил скромен и не поставувал никакви услови. Единствено нешто што побарал било да ги добие телефонските броеви на сите соиграчи.

Брејди направи промена во НФЛ по долги 20 години, низ кои го носеше дресот на Њу Ингланд Патриотс со кои шестпати го освои Супербоулот.