Тешко се повреди еден од најдобрите играчи во НФЛ лигата!

Канзас Сити Чифс доживеаја тежок удар во самата завршница од сезоната, откако нивниот квотербек Патрик Махомс се здоби со сериозна повреда на левото колено на натпреварот против Лос Анџелес Чарџерс. Чифси загубија со резултат 16-13 и со тој пораз ги загубија и последните шанси за пласман во плеј-офот на НФЛ лигата.

Магнетната резонанца направена по натпреварот потврди дека Махомс го скинал предниот вкрстен лигамент на левото колено, што значи крај на сезоната за еден од најдобрите играчи во лигата. Од клубот соопштија дека во моментов се разгледуваат опциите за оперативен зафат и понатамошниот тек на рехабилитацијата.

„Не знам зошто мораше ова да се случи. Нема да лажам, боли. Но сега можеме само да веруваме во Бог и секој ден одново да ги напаѓаме предизвиците. Ви благодарам на кралството на Канзас Сити за постојаната поддршка и на сите што испратија пораки и молитви. Ќе се вратам посилен од кога било“, порача Махомс преку социјалните мрежи.

До повредата дојде на помалку од две минути пред крајот на натпреварот, кога Махомс се обиде да го започне последниот напад на својот тим. По еден дуел тој веднаш падна на тревникот, се фати за коленото, а гримасата на лицето јасно ја покажа сериозноста на повредата.