СУПЕРБОУЛ 53: Брејди и дружината слават, Патриотс го грабна шестиот трофеј!

Екипата на Њу Ингланд Патриотс направи голем успех и успеа да се закити со нов трофеј откако во 53. Супербоул, во кој се испишаа рекорди, во финалето беше подобра од Лос Анџелес Рамс (13-3).

На стадионот „Мерцедес Бенз“ во Атланта, пред околу 70.000 гледачи, тимот предводен од Том Брејди со гранитна одбрана која го спушти противникот на само три поени, успеа да дојде до престижниот трофеј по шести пат во историјата и да се изедначи на врвот со Питсбург Стилерс, тим кој исто така има шест трофеи, но помалку загубени финалиња. Ова финале воедно беше и најнеефикасното во историјата, по бројот на поени, но за многумина важно е што династијата на тренерот Били Беличек продолжи да живее и понатаму во овој спорт.

Дуелот меѓу Патриотс и Рамс не беше премногу атрактивен како претходните финалиња, затоа што нападите на двата тима не донесоа возбудувања и акцентот беше ставен на одбраните. По три четвртини игра, резултатот гласеше скромни 3-3, а интересно е што овој Супербоул беше првиот што по 45 минути игра не понуди ниту еден тачдаун, како и Супербоул со најмалку постигнати поени во историјата за три периода.

Вистинските возбудувања почнаа во последниот период, кога Мишел го изведе првиот тачдаун на средбата, со кој донесе предност од 10-3 за Њу Ингланд Патриотс, на седум минути до крајот на мечот во Атланта. Потоа, Рамс тргна на се или ништо, а Вудс направи важен потег и го доближи следниот напад до 30 јарди од крајната зона, но еден долг пас на Гоф кон Кукс беше пресечен од страна на Гилмор и тимот кој беше во негатива беше спречен на четири минути пред крајот да поентира и да го оствари својот прв тачдаун на средбата за да ја врати неизвесноста.

Во последните неколку минути од мечот следеше борба на двата тима, која заврши со поените на Гостковски. Членот на Патриотс успеа да поентира и да донесе три поени на контото на својот тим на нешто повеќе од една минута до крајот, за конечни 13-3.

За МВП на финалето прогласен е Џулиан Едлман. Посебни овации доби Том Брејди, за кого се смета дека е најдобриот во историјата на овој спорт затоа што го освои шестиот прстен во кариерата со истиот тим. Тука е и тренерот Били Беличек, без кого Патриотс немаше да бидат тимот којшто се сега.