• Сашо Поповски
Филаделфија е нов шампион во НФЛ лигата, откако во 52. издание на Супер Боул натпреварот го победи фаворизираниот Њу Ингланд со 41-33. Ова е прва титула во историјата на Иглси, кои му вратија на денешниот противник за поразот во финалето од 2005 година.
Првиот напад го имаше Филаделфија, која беше блиску до тачдаун и со низа додавања на Ник Фоулс стигна на неколку јарди од зоната за бодови, но на крај мораше да се задоволи со филд-гол за три поени и почетно водство во финалниот натпревар. Џејк Елиот ја комплетираше офанзивната акција на својот тим, кој траеше цели седум минути. По осум финалиња на Том Брејди во дресот на Њу Ингланд, првпат вечерва го реализираше првиот напад со бодови, а истите ги донесе Стивен Гостковски со шут од 26 јарди за израмнување на 3-3 на четири минути до крајот на првата четвртина.
Елшон Џефри ја донесе првата посериозна предност од 9-3 за Иглси, а воедно го постигна првиот тачдаун на мечот. Сепак, моментот не го искористи Елиот, кој промаши шут за еден поен. ЛаГарет Блант, поранешниот член на Петриотси, го започна успешниот напад со трчање од 36 јарди, кое подоцна беше надополнeто со додавање на Фоулс до Џефри за тачдаун од 34 јарди.
Несекојдневен кикс се случи на стартот од втората четвртина, кога Гостковски го промаши филд-гол обидот и тоа по вина на невнимателноста на неговите соиграчи. Нападот на Филаделфија без проблем ја пробиваше противничката одбрана, а на половина од вториот период Блант стигна до втор тачдаун и ја зголеми предноста на 15-3. Одлуката на тренерот на Иглси беше да се игра на два поени, но обидот беше неуспешен, па водството остана исто.
Веќе во следниот напад Гостковски ја поправи грешката и намали на 15-6, а Њу Ингланд и понатаму продолжи да се мачи во офанзивниот дел од играта. Но, промена пристигна кога Брејди испрати „бомба“ до Крис Хоган, кој донесе голем напредок во нападот на Петриотси. Прв тачдаун за гостите на денешниот меч донесе Џејмс Вајт, кој истрча 26 јарди и намали на 15-12, а Гостковски по вторпат вечерва промаши удар за дополнителен поен.
Филаделфија го заокружи полувремето со фантастичен напад за ново поентирање. Новајлијата Кори Клемент истрча 55 јарди и му овозможи на својот тим да ја зголеми предноста на 22-12. Екипата предводена од Даг Педерсон ризикуваше и во четвртиот обид за тачдаун направи неверојатна трик акција, која ја реализираше квотербекот Фоулс.
Веќе по три минути од продолжението Њу Ингланд се врати во игра и постигна нов тачдаун. Роб Гронковски конечно се разбуди и беше главната мета на Брејди во неколку наврати за 22-19. Низата добри додавања на Фоулс продолжија во второто полувреме, а следниот напад на Филаделфија донесе нови седум поени, по тачдаунот на Клемент од 22 јарди.
Одбраната на двете страни како да не постоеше, па следуваа нови бодови зад името на екипата на Бил Беличек. Хоган со два последователни поседи повторно ја намали предноста на противникот на -3 (29-26) и донесе неизвесност во пресрет на последните 15 минути. Елиот шутна филд-гол за конечни 32-26 во корист на Филаделфија на крајот од третата четвртина.
На девет минути до крајот, Гронковски го постигна својот втор тачдаун и ја донесе првата предност за Њу Ингланд од 32-33 на денешното финале. Од тој момент времето беше во рацете на Иглси, кои повторно поведоа со тачдаунот на Зак Ерц на две минути до крајот. Херојски момент на крајот имаше Брендон Грем, кој го сопре Брејди и го натера првпат вечерва да ја загуби топката, што беше клучен момент на патот до историската титула на Филаделфија.
There had been ZERO sacks in the game until this moment...#SBLII = guaranteed drama! #FlyEaglesFly pic.twitter.com/caZdskSIGA
— NFL UK (@NFLUK) February 5, 2018