СУПЕРБОУЛ 51: Историски пресврт на Њу Ингланд и Том Брејди за петта шампионска титула!

Том Брејди

Екипата на Њу Ингланд е победник на 51. издание на Супербоулот во САД. Петриотси стигнаа до петтата титула во својата историја, а оваа победа ќе значи уште повеќе поради неверојатниот кам-бек од -25 поени. Атланта пропушти голема шанса да стигне до првиот трофеј, за на крај по продолжение да загуби 34-28.

Многумина очекуваа атрактивен дуел со многу поени, но првите 15 минути започнаа сосема спротивно. Двете екипи беа нервозни на стартот и направија несвојствени грешки, па на паузата меѓу првата и втората четвртина се замина без ниту еден постигнат поен.

МВП играчот на лигата, Мет Рајан одигра фантастична втора четвртина, во која ја разработи моќната напаѓачка линија на Атланта. Хулио Џонс во два наврати прифати невозможни додавања од својот квотербек, по кои неговата екипа поведе со 7-0 по заслуга на Девонта Фримен.

Следуваше напад за Брејди и Петриотси, кој заврши неславно и со загубена топка, која повторно заврши во рацете на противникот. Рајан одново со феноменални додавања ја донесе својата екипа на 20 јарди до тачдаун, по што нови седум поени донесе Остин Хупер за високи 14-0 во корист на Фалконси. 

Очајот продолжи во следната акција на Њу Ингланд во која додавањето на Брејди беше пресечено од страна на Роберт Алфорд, кој истрча 82 јарди за да го зголеми водството на Атланта на 21-0. Се што направија Петриотс до полувреме е намалување на 21-3, по филд-голот на Стивен Гостовски.

Мисијата за Бил Беличек и неговите избраници беше невозможна, ако се знае фактот дека најголемата негатива, по која е направен пресврт во финалниот натпревар од сезоната е десет поени.

ЛЕЈДИ ГАГА ШОУ НА ПОЛУВРЕМЕ:

Вториот дел започна исто како и првиот, со два пропуштени напади на двете екипи. Квотербекот на Атланта го разигра и Габриел, кој одлично реагираше на додавањето на својот лидер преку 36 јарди. Тоа доведе до нов тачдаун за Фалконси, преку Тевин Колман, за зголемување на водството на 28-3.

На крајот од третата четвртина резултатот гласеше 28-9, по тачдаунот на Њу Ингланд преку Џејмс Вајт, кој им даде мала надеж на Петриотси и покрај лошата игра и големата негатива.

Натпреварот доби мала доза на неизвесност на пет минути до крајот, кога Дани Амендола намали на 28-20 и донесе надеж за Њу Ингланд. На 57 секунди до крајот Петриотс се вратија во игра по големата негатива од првиот дел и изедначија на 28-28 преку Џејмс Вајт и го однесоја мечот во продолжение за првпат во историјата на Суербоулот.

Во продолжението, Том Брејди покажа зошто е најголемиот на сите времиња и буквално сам ја однесе екипата во нова титула, негова четврта. Одлучувачкиот тачдаун за конечните 34-28 го постигна Вајт, својот трет на натпреварот.