• Саше Љолес
Мадрид наскоро ќе биде домаќин на натпревар од најпрестижниот спорт во Соединетите Американски Држави, НФЛ лигата. Шпанската престолнина ќе биде четврти европски град кој ќе организира ваков меч, а настанот го најави претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез.
Натпреварот ќе се одигра во 2025 година на легендарниот „Сантиаго Бернабеу“, но сѐ уште не е познато кои два тима ќе ги одмерат силите на овој дуел. Прв европски град кој организираше мечеви од НФЛ лигата беше Лондон во 2007 година, а потоа низ Островот се одиграа дури 67 вакви натпревари.
„Доаѓањето на НФЛ лигата на нашиот стадион е важен настан во спортската историја. Оваа стратешка соработка на нашите брендови ќе биде реализирана на глобално ниво и веруваме дека ќе биде поздравена од милиони луѓе ширум светот“, изјави Перез.
Американските НФЛ клубови важат за најбогатите на светот. Во моментов, според вредноста, најбогат клуб е Далас Каубојс (9 милијарди евра), а „најсиромашен“ на оваа листа е клубот Синсинати Бенгалс, чија вредност е проценета на 3,5 милијарди евра. Реал Мадрид и „Сантиаго Бернабеу“ ќе добијат директен прилив од 40 милиони евра за организацијата на овој настан.