ВИДЕО: Сан Франциско падна по епски пресврт, Канзас по 50 години пак е шампион на НФЛ

Американската професонална НФЛ лига доби нов шампион. Првпат во овој век, вторпат во историјата и првпат по 50 години екипата на Канзас Сити Чифс славеше на еден од најпопуларните настани во светскиот спорт – Супербоул финалето. Во големото финале во Мајами, по епски пресврт победен беше тимот на Сан Франциско со 31-20.

Она што им побегна ланската сезона, сега потполно им се врати. Чифси беа на работ од пораз, губеа со 20-10, но атомскиот напад се избори за неверојатен пресврт. Патрик Махомс покажа дека со право го сметаат за еден од најдобрите квотербекови во овој момент, откако во клучните моменти реализира додавање од 45 јарди до Хил, а после тоа следуваше тачдаун за 20-17, кој го означи пресвртот во финалето. 

Махомс дуелот го заврши со 286 јарди и две додавања за тачдаун, додека фантастичен беше и Вилијамс со истрчани 104 јарди. 

Токму Махомс повеќе од заслужено го доби МВП признанието во ова финале, со што стана најмладиот играч кој успеал да ги обедини МВП признанијата (лани беше избран за најкорисен играч на сезоната). 

„Никој од тимот не веруваше дека ни дојде крајот. Никој не ја наведна главата и не се предаде. Затоа најдовме начин како да победиме. Верувавме во тоа“, рече Махомс.

За шоуто на полувреме се погрижија популарните пејачки Шакира и Џенифер Лопез.