Раперот Кендрик Ламар ќе го води шоуто на Супер Боулот

Раперот Кендрик Ламар ќе го води шоуто на полувремето Super Bowl LIX, објави Националната фудбалска лига на САД.

Натпреварот за титулата во најсилното првенство во американскиот фудбал ќе се одржи на 9 февруари 2025 година во Њу Орлеанс.

Традиционално тоа е најгледаниот телевизиски настан во САД, а секоја година на полувремето, краток концерт изведува една од најголемите ѕвезди во шоу-бизнисот. Оваа година тоа ќе биде Кендрик Ламар.

Во својата колекција на награди, Ламар има 17 Греми статуетки. Во 2017 година ја освои и Пулицеровата награда, со што стана првиот музичар надвор од џезот и класичната музика кој доби вакво признание.