Пантерс и Њутон без одговор за одбраната на Денвер: Бронкоси го шокираа фаворитот

Екипата на Денвер Бронкос е победник на 50. Супербоул во НФЛ лигата. Пејтон Менинг и Бронкоси беа подобри во финалето од Кем Њутон и Пантерси, кои беа огромни фаворити пред почетокот на натпреварот. 

Првото полувреме беше разочарувачко за овогодишниот МВП играч на лигата, Кем Њутон. Од друга страна, Денвер започна одлично, поведувајќи со 10-0. Традицијата вели дека мал процент на екипи се враќале од ваква негатива, за на крај да бидат шампиони.

Бронкоси ја оправдаа титулата за најдобра одбрана, сведувајќи го нападот на Каролина на само 7 поени по едно полувреме. 13-7 беше резултатот по првите 30 минути. 

Вториот дел започна на идентичен начин, како и првиот. Неколку несигурни додавања на Њутон, доведоа до зголемување на водството на Денвер, 16-7. Притисокот беше на страна Пантерси, кои никако не можеа да се соземат и да ја заиграат својата препознатлива игра. 

На десет минути до крајот, Пантерси намалија на 16-10 и ја вратија неизвесноста во финалето. Сепак, финишот им припадна на Бронкоси, кои успеаја да го шокираат фаворитот и да слават со 24-10.