НФЛ првакот бара помош од навивачите, се заканува со преселба од Канзас Сити

Шампионот во НФЛ лигата, Канзас Сити Чифс се закани на градот Канзас дека е подготвен да замине на нова локација, доколку не добие помош за реновирање на „Ероухед“. На 28 февруари Чифси ги објавија плановите за реновирањето, меѓутоа бараат помош од градската управа.

Според плановите, стадионот треба да добие апсолутна модернизација, огромни екрани, покрив на најгорниот дел од трибините, три пешачки мостови, луксузни апартмани, проширен паркинг... Вкупната вредност на реновирањет е проценето на околу 800 милиони долари, но клубот е подготвен да даде „само“ 300 од својот џеб. Челниците на првакот побараа помош од фондовите на градот, пари од даноците на граѓаните, а доколку тоа не се случи - подготвени се на преселба. 

„Знаеме дека мора да ги разгледаме сите опции. Тоа вклучува и напуштање на Канзас Сити. Нашата цел е да останеме тука и подготвени сме да направиме компромис. Тоа всушност би било подобро за државата, да останеме тука“, прокоментира првиот човек на Чифси, Марк Донован.

Во ова барање на Канзас Сити Чифс им се приклучуваат и бејзбол тимот Ројалс. Заедно тие бараат продолжување на законот за данок. Граѓаните на округот Џексон во 2006 година прифатија зголемување на даноците во времетраење до 2031, со цел да помогнат на општеството. 

Сегашното барање на Чифс и Ројалс е продолжување на овој закон за уште 40 години, со што ќе се помогне реновирањето на „Ероухед“, но и 700 милиони долари за Ројалси за изградба на нов стадион.