• Мартин Танасковски
Кенет Вокер Трети, 25-годишниот најкорисен играч на овогодишниот Супербоул, каде што неговиот Сиетл го совлада Њу Ингланд со 29-13, ја напушти екипата на актуелниот шампион и се согласи да ја продолжи кариерата во Канзас Сити.
Вокер стана првиот раннинг бек кој ја освоил наградата за најкорисен играч на Супербоул по пауза од 28 години, односно по легендарниот Терел Дејвис. Со тоа, тој влезе во друштвото на малкуте играчи на оваа позиција кои успеале да ја освојат оваа престижна индивидуална награда.
Целата досегашна кариера Вокер ја мина во редовите на Сиетл, кој го избра на НФЛ драфтот во 2022 година во втората рунда. Во изминатите сезони тој се наметна како еден од клучните офанзивни играчи на тимот и одигра важна улога во освојувањето на шампионската титула.
Сепак, раководството на Сиетл одлучи да не му понуди нов договор, па раннинг бекот ќе ја продолжи кариерата во Канзас Сити, клуб кој во последните години се вбројува меѓу најуспешните во НФЛ лигата.
Екипата од Канзас Сити, предводена од квотербекот Патрик Махомс, освои три шампионски титули во последните седум сезони и важи за еден од главните претенденти за врвот и во наредните години. Доаѓањето на Вокер се очекува дополнително да ја засили офанзивната моќ на тимот.