Контроверзниот играч на Филаделфија доби историски договор во НФЛ лигата

Филаделфија Иглс постигна договор со Џејлен Картер за продолжување на соработката за уште четири сезони, а според американските медиуми станува збор за најскапиот договор за дефанзивен текл во историјата на НФЛ.

Иако клубот не ги објави финансиските детали, се наведува дека новиот договор е вреден 152 милиони долари, односно 38 милиони по сезона, со 106 милиони долари загарантирани средства.

Картер беше избран како деветти пик на НФЛ драфтот во 2023 година и за кратко време се етаблира како еден од најдобрите млади дефанзивци во лигата. Во првите три сезони забележа 13,5 секови и 108 соборувања, а двапати по ред беше избран за Про Боул. Новиот договор претставува јасен сигнал дека Иглс го гледаат 25-годишниот Картер како еден од столбовите на тимот во наредните години, и покрај неговото минато.

Картер во минатото беше дел и од неколку контроверзии. На почетокот на минатата сезона заработи исклучување поради плукање кон квотербекот на Далас Каубојс, Дак Прескот, а непосредно пред НФЛ драфтот во 2023 година се соочи со обвиненија за несовесно возење и нелегална улична трка по сообраќајна несреќа во која загинаа негов соиграч од Универзитетот Џорџија и член на стручниот штаб. Тој ја призна одговорноста за прекршоците и не беше осуден на затворска казна.