Има ли сила која ќе го симне Канзас од НФЛ-тронот?

Шампионот ги задржа најзаслужните за титулата, Тампа Беј направи страшен тим на чело со Том Брејди. На Супербоул се надеваат Њу Орлеанс, Сан Франциско, Сиетл, Грин Беј, Далас, Балтимор, Питсбург, Индијанаполис, Тенеси...

Америка е на нозе, започнува најпопуларниот спорт! Со натпреварот меѓу Канзас и Хјустон на „Ероухед“ почна новата сезона на НФЛ - по повеќе од седум месеци пауза. Шампионатот стартуваше по планот, коронавирусот влијаеше само на тоа да нема претсезонски натпревари. За среќа, засега нема многу случаи на заразени меѓу играчите. 

Во новото првенство, во плеј-офот ќе играат 14 франшизи, по седум од секоја конференција, а не како досегашните 12. Доигрувањето започнува на 9 јануари, а 55-от Супербоул се игра во Тампа Беј на Флорида на 7 февруари. Победниците на конференциите ќе ја прескокнат првата рунда од плеј-офот, додека останатите шест екипи во АФЦ и НФЦ ќе играат „вајлд кард“ рунда. 

Титулата ја бранат Канзас. Чифси на почетокот од февруари го победија Сан Франциско во Мајами со 31-20 и во новото првенство влегуваат како први фаворити. Сите најзаслужни за круната останаа. Чудесниот квотербек Патрик Махомс го доби најголемиот договор во историјата на спортот (503.000.000 долари до 2031), одличниот дефанзивец Крис Џонс потпиша нов четиригодишен договор за 80.000.000 долари, додека тајтендот Тревис Келсе за наредните четири сезони ќе инкасира максимум 57.000.000. Продолжување на соработката на дури шест години добија и тренерот Енди Рид и генералниот менаџер Брет Вич. Сè е спремно за почеток на династија слична на онаа која ја направија Петриотси, односно Том Брејди и Бил Беличик во претходните две децении. Нема ниту на Чифси да им биде лесно. Дури 15 години (од Њу Ингланд 2005) ниту една екипа не успеала да ја одбрани титулата, но експлозивниот напад со Махомс минатата сезона во плеј-офот се покажа како незапирлив. 

Во Американската фудбалска конференција (АФЦ) најголем ривал на Канзас ќе му биде Балтимор, франшизата која минатата сезона имаше најдобар скор во лигата (14-2), разбудениот Питсбург Стилерс со опоравениот квотербек Бен Ротлисбергер, Индијанаполис Колтс со новиот водач во нападот Филип Риверс, Тенеси Тајтенс, минатогодишниот финалист на АФЦ, а без шанси не се ниту Хјустон Тексас и Бафало Билс. Њу Ингланд влегува во сезоната значајно ослабен. Го нема повеќе Том Брејди, стигна Кем Њутон на позицијата квотербек, а дури осум играчи одлучија да го пропуштат шампионатот поради страв од коронавирусот. Најпознати имиња се лајнбрејкерот Дон Хајтауер и сејфти Патрик Чанг.

Во Националната фудбалска конференција (НФЦ) ќе биде интересна борбата за Супербоул. Седум, осум тимови имаат амбиции да играат на најважната средба. Сан Франциско, минатогодишниот учесник на големото финале, остана без два важни шрафови, ресиверот Емануел Сандерс и дефанзивниот текл Дефорест Бакнер, но на Фортинајнерси и понатаму им се даваат убави шанси да го повторат успехот. Тимот од Калифорнија ќе има големи ривали во дивизијата со појачаниот Сиетл. Најголемата аквизиција на Сихокс е пристигнувањето на одичниот сејфти од Њујорк Џетс Џамал Адамс, за кого дадоа дури два пика од првата рунда во наредните две години. И понатаму сè ќе се врти околу квотербекот Расел Вилсон. 

Најголемиот бум меѓу двете сезони направи Тампа Беј. Стигна легендарниот Том Брејди, кој потпиша двегодишен договор вреден загарантирани 59.000.000 долари. Околу себе направи, на хартија, страшен тим. Од пензија се врати веројатно најдобриот тајтенд на сите времиња, Роб Гронкофски. Брејди ќе има фантастични ресивери, Мајкл Еванс и Крис Годвин. Одбраната на Баканирс исто така изгледа многу добро со Шек Барнет, Ндамуконг Суом и Џејсон Пјер Пол. Њу Орлеанс има фантастичен тим пополнет на сите позиции, а лидер останува Дру Брис. Грин Беј со Ерон Роџерс и Далас со новиот тренер Мајк Мекарти се надеваат на титула.
Џексонвил би требало да биде најголемиот аутсајдер во лигата. Тимот од Флорида ги трејдуваше сите најдобри играчи, започнува реконструкција на тимот и секоја победа би била успех. Не очекувајте многу ни од Вашингтон, Њујорк Џетс, Синсинати, Каролина и Мајами. Лас Вегас доби нова франшиза. Рејдерси се преселија од Оукленд во невада, додека Вашингтон го исфрли Редскинс од името. 

Во паузата меѓу двете сезони имаше многу бомбастични трејдови и договори. Еден од најдобрите ресивери на лигата, Деандре Хопкинс, е нов играч на Аризона (трејд од Хјустон). Освен парафот на Махомс од половина милијарда долари, Дешон Вотсон доби 160.000.000 од Хјустон за четири години, Џо Бос од Лос Анџелес Чарџерс 135.000.000 за пет години, Мајлис Герет од Кливленд 125.000.000...