• Горан Упале
Филаделфија Иглс го „прегази“ Канзас Сити Чифс 40-22 во 59. Супербол во Њу Орлеанс.
Еден од хероите беше Џејлен Хртс, квотербекот на Иглс, кој го доби трофејот МВП за неговиот настап откако ја освои шампионската титула и го демолираше Канзас Сити Чифс. Хртс фрли 221 јарди, два тачдауни, плус имаше и 72 трчачки јарди. Некој од одбраната лесно можеше да ја освои оваа престижна награда, што го кажа и самиот МВП по мечот.
„Тоа можеше да биде кој било од моите соиграчи. Сите завршија одлична работа, мојата цел не беше да бидам МВП на финалето, туку тимот да го освои трофејот Ломбарди“, рече Хртс.
Канзас Сити остана на четири титули, од кои три во ерата на Махомес и под тренерската палка на 66-годишниот Енди Рид. Ова е втор шампионски прстен за Филаделфија, откако го освои првиот во 2018 година со победа над Њу Ингланд Патриотс.