• Горан Упале
Филаделфија Иглс го совлада Канзас Сити Чифс со убедливи 40-22, спречувајќи го да го освои историскиот трет последователен Супербол и ја освои шампионската титула во професионалната американска фудбалска лига (НФЛ) по вторпат во клупската историја.
Пред две години, истите тимови се соочија во финалето на плејофот, а Чифси беа подобриот тим во натпревар со голем број на поени и бројни загубени топки. Такви беа очекувањата во пресрет на Суперболот во Њу Орлеанс. Наместо тоа, „орлите“ доминираа.
Натпреварот го реши одбраната на „орлите“, која блескаше во текот на целиот натпревар, особено во првото полувреме. Одбраната на Филаделфија постојано го тероризираше најдобриот офанзивен фудбалер во НФЛ, Патрик Махомес, и двапати ги пресретна неговите додавања во втората четвртина.
Едно од тие пресретнати додавања беше претворено во тачдаун (пик-шест) од бекот на Иглс, Купер ДеЖан. Тоа и овозможи на Филаделфија да оди на полувреме со водство од 24-0. Натпреварот беше решен на пет минути и 20 секунди пред крајот на третата четвртина кога Џејк Елиот погоди гол од поле за водство од 27-0.
Канзас Сити остана на четири титули, од кои три во ерата на Махомес и под тренерската палка на 66-годишниот Енди Рид. Ова е втор шампионски прстен за Филаделфија, откако го освои првиот во 2018 година со победа над Њу Ингланд Патриотс.